Вечерва би можел да ги напишам најтажните стихови.
Да напишам, на пример: „Ноќта е ѕвездена,
и треперат модрите ѕвезди во далечината“.
Ноќниот ветер кружи по небото и пее.
Најтажната песна – Пабло Неруда
Вечерва би можел да ги напишам најтажните стихови.
Да напишам, на пример: „Ноќта е ѕвездена,
и треперат модрите ѕвезди во далечината“.
Ноќниот ветер кружи по небото и пее.
Вечерва би можел да ги напишам најтажните стихови.
Ја сакав, а понекогаш и таа мене ме сакаше.
Во ноќите како што е оваа таа беше во мојата прегратка.
Колку пати ја бакнував под бесконечното небо.
Ме сакаше, а понекогаш и јас ја сакав.
Како да не ги сакам нејзините големи неподвижни очи.
Вечерва би можел да ги напишам најтажните стихови.
Да мислам дека ја нема. Да чувствувам дека сум ја загубил.
Да ја слушам бесконечната ноќ, многу побесконечна без неа.
А стихот паѓа врз душата како роса врз пасиштето.
Што е важно дека мојата љубов не можеше да ја сочува.
Ноќта е ѕвездена, таа не е со мене.
Тоа е се. Во далечината некој пее. Во далечината.
Мојата душа е незадоволна што ја загубила.
Мојот поглед ја бара како да сака да ја доближи.
Срцето мое ја бара, а таа не е со мене.
Истата ноќ ги облекува во бело истите стебла.
А ние од вчера, ние не сме повеќе истите.
Повеќе не ја сакам, сигурно, но колку ја сакав.
Мојот глас го бараше ветерот за да и го допре увото.
На друг. Ќе припадне на друг. Како и пред моите бакнежи.
Нејзиниот глас, нејзиното јасно тело. Нејзините бесконечни очи.
Повеќе не ја сакам, сигурно, но можеби сепак ја сакам.
Љубовта е толку кратка, а заборавот толку долг.
Зашто во ноќите како што е оваа ја држев во својата прегратка,
мојата душа е незадоволна што ја загубила.
Макар што ова е последната болка што таа ми ја причинува,
и овие стихови последни што за неа ги пишувам.